Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва (20.45 часот) игра против Грузија на арената „Тодор Проески“ во третиот меч од Лигата на нации. Напаѓачот Александар Трајковски верува дека Македонија може да стигне до победа со својот препознатлив, тимски дух.
„Ова ќе биде еден од важните натпревари за македонската репрезентација. Треба да бидеме на наше највисоко ниво за да го добиеме. Играме пред наша публика и се надевам дека тоа ќе ни биде дополнителна мотивација. Мораме максимално да одиграме од првата до последната минута. Нема да биде воопшто лесен натпревар, Грузија е квалитетен противник и се разбира дека има свои амбиции за првото место во групата. Само со нашиот препознатлив тимски дух, самодоверба и борба за секоја топка можеме да ја постигнеме целта. Подготвени сме и ќе излеземе на терен да победиме“, изјави Трајковски, кој има 78 натпревари и 20 гола во националниот дрес.
Грузија има две победи на првите две средби, додека Македонија ремизираше на гости (1:1) против Бугарија, а потоа го победи Гибралтар со 0:2.