Итлијанскиот инсајдер Фабрицио Романо објави ексклузива дека Штутгарт ја прифатил понудата на Њукасл од 80 милиони евра, која со бонусите може да достигне 90 милиони, за германскиот напаѓач Ник Волтемаде (22).
Германскиот репрезентаивец е на пат кон Њукасл, кога ќе ги заврши медицинските тестови ќе потпише договор со „страчките“.
Напаѓачот висок 198 сантиметри, кој се покажа како вистински кошмар за стоперите минатата сезона, има закажан лекарски преглед за утре, а британските медиуми истакнуваат дека ова е шокантен развој на настаните со оглед на тоа што напаѓачот беше поврзуван со Баерн поголемиот дел од летото.
Оваа сезона, тој одигра два натпревари за Штутгарт, по еден во Купот и првенството, и постигна еден гол.
Волтемаде беше цел на Баерн во текот на целото лето, но Штутгарт одби повеќе понуди вклучувајќи ја последната од 60 милиони евра, инсистирајќи на поголема сума.
Поради ова веста за понудата на Њукасл претставува пресврт во однос на претходната позиција на Штутгарт дека продажбата нема да се случи во овој преоден рок.
Доведувањето на Волтемаде многу веројатно ја отвора и вратата за трансфер на Александар Исак, кој штрајкува веќе неколку недели и тренира одделно со цел да го напушти клубот и да се приклучи на Ливерпул, актуелниот шампион на Англија.
Foto/ EPA/ANNA SZILAGYI