Легендарниот италијански селектор, Џовани Трапатони признава дека е многу тажен без фудбалот поради кризата со корона вирусот и додава дека „сонува“ како игра и тренира.
Популарниот Трап освои седум титули во Италија во блескавата кариера и помогна Јувентус да ја освои европската титула во 1984/85, по што работеше и со Милан, Интер, Каљари и Фиорентина. Сега, тој признава дека животот без фудбал е невесел.
„Ми недостасува фудбалот, тажен сум бидејќи спортот е живот и среќа. Ниту светските војни не го сопреле фудбалот целосно и тоа само ја покажува сериозноста на ситуацијата. Фудбалот е наједноставна и најмоќна алатка за обединување на младите луѓе од целиот свет. Ги надминува границите и идеологиите, и сите политики. Ќе мораме да почнеме одново“, вели Трапатони во интервју за „Ла република“.
Иако наполни 81 години, Трап признава дека уште сонува како игра и тренира.
„Уште сонувам за играње и тренирање фудбал. Имав среќен живот и му благодарам на Бога за тоа, и не можам да побарам ништо повеќе. Не жалам за ништо, освен за пријателите кои се заминати. По 80-тата година влегуваме во продолженија. Тоа е мојот натпревар сега и нема да се предадам“, додава Трапатони.