Top Sport

Тренерот на Баерн со порака до фановите на Бенфика: Против Барса со најсилниот состав!

Баерн Минхен утре од 21 часот на својата „Алијанц арена“ игра против Барселона во последното коло од групната фаза во ЛШ. Каталонците мораат да победат во Минхен ако сакаат со сигурност да се пласираат во нокаут фазата.

Сепак, тренерот на баварскиот клуб Јулијан Нагелсман им остави порака на фановите на Бенфика чиј клуб исто така гледа можност во последното коло да се „протне“ во следната фаза. Нагелсман порача:

„Ќе го изведеме најдобриот состав. Поздрав за Лисабон, не се грижете“.

Младиот германски стратег имаше пофалби за екипата на Барселона, но порача дека Баерн ќе оди на трите бода.

„Барселона мора да не победи за да помине понатаму, ќе мораат да играат добро и да дадат се од себе. Добра екипа се, имаат играчи од светска класа. Им треба резултат и ќе дадат се од себе. Тоа мечот ќе го направи добар. Овде не се работи за тоа дека сакаме некого да нокаутираме, ги сакаме трите бода“ изјави Нагелсман.

Барса до нокаут фазата може да дојде и во случај на реми, па дури и на пораз, ако Бенфика не го победи Динамо Киев на домашен терен.

Во случај Бенфика да освои 3 поени со отпишаниот украински клуб кој нема шанси ниту за третото место, а Барса одигра нерешено во Минхен, во групата Е две екипи ќе имаат ист број на бодови, и тогаш во предност би била португалската екипа поради подобар меѓусебен скор.

Во Каталонија, пак, се надеваат на „чудо“ во Минхен знаејќи дека Баерн на утрешниот меч ќе биде без Горецка, Гнабри, Чупо-Мотинг, Сабитцер, Кимих и Станишиќ.

Scroll to Top