Top Sport

Тренерот на Шахтјор: Ќе се бориме како украинските војници!

Ситуацијата во Украина нема да го наруши моралот на Шахтјор Доњецк и фудбалерите на тимот ќе продолжат да се борат на теренот како што тоа го прават војниците во борбените операции во земјата. Ова го изјави тренерот Игор Јовичевиќ пред натпреварот од Лигата на шампионите против Реал Мадрид.

Вчера наутро Русија ги бомбардира големите украински градови и освен што ги исклучи изворите на струја и топлина, нападот резултираше и со голем број жртви.

„Не можат да нè уништат. Ниту нашиот дух, ниту моралот. Можат само привремено да ни го расипат расположението, но не можат да не уништат“, рече Јовичевиќ на прес-конференцијата пред натпреварот против шпанскиот гигант Реал Мадрид.

„Ние сме обединети и силни. Блиску сме до она што се случува во нашата земја и сочувствуваме за сите луѓе во земјата“, изјави тој.

Експлозиите не го одбегнаа градот Лвов, кој е привремен домаќин на тимот од Доњецк. Шахтјор своите натпревари од Лигата на шампионите ги игра во главниот град на Полска, Варшава.

„Многу од семејствата на моите играчи се во Украина и тоа влијае на нив, но нивниот морал не може да се уништи. Ќе се бориме како вооружените сили на Украина“, продолжи тренерот на Шахтјор. „Загрижени сме, но натпреварот нема да биде одложен, ќе го претставуваме украинскиот народ на теренот“, истакна стратегот на Шахтјор.

Scroll to Top