Тренерот на фудбалерите на ПСЖ, Кристоф Галтие, за француските медиуми потврди дека Лионел Меси дефинитивно ќе го напушти парискиот клуб по завршувањето на сезоната.
Меси пристигна во ПСЖ на почетокот на август 2021 година од Барселона, а со „светците“ има договор до 30 јуни.
Имаше можност да ја продолжи соработката со францускиот клуб, но влезе во конфликт со навивачите на ПСЖ, кои тврдат дека Меси е еден од главните виновници бидејќи „светците“ не ја освоиле Лигата на шампионите.
„Ја имав честа да го тренирам Меси, најдобриот фудбалер на сите времиња. Следниот викенд Меси ќе го одигра последниот натпревар во дресот на ПСЖ против Клермон“, изјави Галтие на денешната прес-конференција.
Меси би можел да ја продолжи кариерата во Барселона, Интер од Мајами или во Саудиска Арабија.
Аргентинскиот фудбалер одигра 74 натпревари за ПСЖ и постигна 32 гола со 35 асистенции, а со клубот од Париз освои две шампионски титули во Лига 1.
Натпреварот меѓу ПСЖ и Клермон се игра во сабота од 21 часот во Париз.