Top Sport

Трет пораз на Јунајтед во САД

Манчестер јунајтед запиша нов пораз на американската турнеја. На стадионот во Лас Вегас, Борусија Дортмунд г победи „црвените ѓаволи“ 3:2. Двоен стрелец беше Холанѓанецот Дониел Мален.

До почетокот на Премиер лигата остануваат неполни две недели, а Ерик тен Хаг се уште го бара најдобриот состав или пак можеби калкулира во подготвителните натпревари. Манчестер јунајтед го претрпе третиот пораз во пријателските натпревари овој месец. По поразот од нисколигашот Рексам (Јунајтед играше со Б-тимот) и Реал, тимот на Тен Хаг загуби и од Борусија Дортмунд.

„Милионерите“ го победија тимот од „Олд Трафорд“ со 3:2 (2:1) во Невада, на стадионот на Лас Вегас Рајдерс.

За разлика од англискиот тим, германскиот вицешампион настапи со најсилниот состав, па резултатот не изненадува. Тен Хаг дури подоцна ги испрати на терен главните ѕвезди Маркус Рашфорд и Бруно Фернандес.

Се истакна Холанѓанецот Дониел Мален со два гола. Мален двапати ја затресе мрежата на Јунајтед во интервал од само 60 секунди на крајот од првото полувреме и го сврте резултатот по голот на Далот.

Во вториот дел имаше многу промени во двата тима. Бразилецот Антони на асистенција на малку подзаборавениот Холанѓанец Рони ван де Бек израмни на 2:2 на почетокот на вториот дел, а победата на „милионерите“ им ја донесе младиот германски репрезентативец Јусуфа Мукоко во 71. минута на додавање од Марко Ројс.

Scroll to Top