Top Sport

Триесет години подоцна Роже Мила жали што не ја победиле Англија (видео)

Роже Мила останува горд на успесите на Камерун на Светското првенство во 1990 година и значењето на нивниот настап за растот на африканскиот фудбал, но точно 30 години по поразот од 3:2 од Англија во Неапол во четврт-финалето, тој признава дека уште го боли тој пораз.

68-годишниот Мила на СП во Италија постигна четири гола за да помогне Камерун да бидат првата африканска нација со пласман во четврт-финале, пред во дуелот со Англија, двата гола од пенал на Гери Линекер да го решат победникот.

„Знаевме дека Англичаните се силни со фудбалери како Линекер, но не се плашевме. Мислам дека пеналите кои ги досудија беа премногу дарежливи за нив, но тоа е веќе во минатото. Сепак, бевме првата африканска земја која се пласираше во четврт-финалето, но денеска мислам дека можевме да бидеме и подобри“, вели Мила за „Сан“.

Мила, кој ја почна кариерата во 1970 година, играше за клубови како Монако, Сент-Етјен и Монпелје, но пред СП имаше 36 години и беше во пензија. Телефонски повик од претседателот Пол Бија го убеди да се врати во репрезентацијата и поради недоволната физичка подготвеност сите пет меча ги стартуваше од клупата. Камерун тогаш стигна до неверојатна 1:0 победа над Аргентина со Диего Марадона во тимот на „Сан Сиро“, а уште поинтересно, Мила се врати во репрезентацијата и четири години подоцна во САД, кога постигна гол и останува најстариот стрелец со 42 години.


Scroll to Top