Франциско Тринкао го постигна својот деби гол во дресот на Барселона во најзначајниот момент, погодувајќи во 87. минута за трилер 3:2 победа на гостувањето кај Реал Бетис.
Домаќините имаа 1:0 водство преку Борха Иглесијас во првото полувреме, но во второто Лео Меси само две минути откако влезе во игра израмни во 59. минута, за само девет минути подоцна Барса да води откако Меси нафрли, а Виктор Руиз си постигна автогол. Во 75. минута, Руиз беше прецизен на другата страна за 2:2, но тука не завршија возбудувањата – Тринкао во 87. минута повторно ги врати Барса во водство со еден прекрасен удар од далечина.
Барса останува на четвртото место со 41 поен, еден зад Севилја на третото место и два зад Реал Мадрид, но дури девет зад лидерот Атлетико Мадрид, кој има и два натпревари помалку. Бетис се седми со 31 поен.
ЛА ЛИГА, 22.КОЛО
Реал Бетис – Барселона 2:3
Атлетик Билбао – Валенсија 1:1
Осасуна – Еибар 2:1