Пред првото финале од 1999 година со шанса за освојување на трофеј по 67 години пауза, во Њукасл се сигурни дека имаат решение за „препородените“ Манчестер јунајтед и покрај обвинувањата на нивниот менаџер Ерик Тен Хаг дека Њукасл играат „иритантно“ со многу трикови за да го вознемират противникот.
Киеран Трипиер, кој научи доста за ваквите тактики како фудбалер на Атлетико Мадрид под Диего Симеоне, реши да му врати на Тен Хаг за комплиментот пред денешното финале на Карабао купот.
„Секој има право на свое мислење. Имам искуство со такви работи во Шпанија. Треба да знаеш кога да ја успориш играта. Ако противникот има повеќе посед на топка, секако дека сакаш да ја успориш играта. Нема да изведеш брз аут и да им кажеш: ‘Ајде, продолжете’. Така се води еден меч. Некои тимови не се среќни со нас оваа сезона, но мораш да останеш умен и да го искористиш искуството. Знам дека и нивните навивачи не го сакаат тоа, но за неутралните мислам дека е добро“, вели Трипиер.
Запрашан дали денеска во финалето ќе има такви тактики, 32-годишниот Англичанец е искрен.
„Секако дека ќе има. Мораш да имаш таков менталитет. Ако сакаш да победиш, да бидеш успешен, тогаш нема да си сладок во секој меч. Видете клуб како Реал Мадрид и нивниот успех. Секогаш имаа играчи како Серхио Рармос, Марсело за такви игри. За мене најдобар беше Стефан Савиќ во Атлетико. Тој те тегнеше за коса и на тренинг. Лудо“, додава Трипиер.