Тренерот на Баерн Минхен, Томас Тухел е сигурен дека неговиот ривал од Манчестер јунајтед, Ерик Тен Хаг се соочува со огромен притисок бидејќи „секогаш има многу бучава“ околу тој клуб.
Јунајтед загубија три од своите последни четири мечеви, губејќи со 3:1 од Брајтон на „Олд Трафорд“ во текот на викендот и имаат само шест поени од првите пет меча. Пред мечот во ЛШ помеѓу Баерн и Јунајтед, Тухел признава дека постои огромен притисок на Тен Хаг и на неговите играчи бидејќи многу од ТВ-коментаторите се поранешни фудбалери на овој клуб.
„Стартот на една сезона не кажува многу. Тие никогаш не беа надвор од играта против Брајтон, имаат големи индивидуални квалитети и се опасни. Чувствувам дека околу Манчестер јунајтед секогаш има многу бучава, многу од поранешните играчи се на ТВ и тука е наследството од Сер Алекс Фергусон и затоа има голем притисок. Тоа ти кажува дека си во голем клуб, со големи очекувања“, вели Тухел.