Италијанската полиција уапсила 12 лидери на ултрасите на Јувентус, јавува италијанската новинска агенција „АНСА“, која додава дека се работи за членови на главните ултрашки групи: „Други“, „Традиционе-Антики валори“, „Викинг“, „Нуклео 1985“ и „Ди Виа Филаделфија“.
Тие се обвинети за повеќе различни криминални дела, вклучувајќи уценување на клубот, перење на пари и насилство. Според изворите од полицијата акцијата не е завршена и се бараат повеќе личности низ цела Италија.
Оваа вест доаѓа само два месеци откако во рација на дел од навивачите на „бјанконерите“ беше пронајдено оружје и многу нео-нацистички обележја.
Пред две години, Јувентус беа казнети со еден меч пред празни трибини поради продавање на билети на ултрасите. Во 2017 година, претседателот на клубот, Андреа Ањели доби едногодишна суспензија поради неговата улога во продавањето на билети на навивачки групи поврзани со мафијата, но суспензијата беше крената по неколку месеци.