Top Sport

Удинезе го победи Милан, Ибрахимовиќ влезе во историјата на Серија А

Фудбалерите на Удинезе го победија актуелниот италијански шампион Милан во натпревар од 27. коло на Серија А. Натпреварот на стадионот „Дачија Арена“ во Удине заврши со резултат 3:1.

Шампионот на Италија продолжи со променливи игри. Ова беше четврти натпревар во сите натпреварувања на кој избраниците на Стефано Пиоли не победија (Фиорентина 1:2, Тотенхем 0:0, Салернитана 1:1, Удинезе 3:1).

Домашните многу подобро го отворија натпреварот и поведоа во деветтата минута. Стрелец на голот беше Роберто Переира.

Во 44. минута Даниеле Довери по повик од ВАР собата досуди пенал за Милан. Златан Ибрахимовиќ не успеа во првиот обид да го совлада голманот Марко Силвестри, но пеналот беше повторен бидејќи домашните играчи предвреме влегоа во 16. метри. Ибра израмни на 1:1.

Треба да се нагласи дека Ибрахимовиќ вечерва стана рекордер и најстар стрелец во Серија А, бидејќи постигна гол на 41 година и 166 дена.

Претходно рекордот го држеше поранешниот играч на Милан Алесандро Костакурта кој беше стрелец на 41 година и 25 дена. Интересно е што трет на листата е актуелниот тренер на Милан Стефано Пиоли со 40 години и 131 ден.

За жал на навивачите на Росонерите, само неколку минути подоцна Удинезе повторно поведе, а стрелец беше Португалецот Бето. Неговиот деветти гол сезонава. Конечниот резултат го постави Ехизибуе во 70.минута.

Поранешниот македонски репрезентативец Илија Несторовски од клупата за резерви го гледаша триумфот на соиграчите.

Scroll to Top