Top Sport

УЕФА: Ги усогласивме правилата со европските закони

Во Нион, каде се наоќа куќата на Европската фудбалска унија (УЕФА) нема загриженост од одлуката на Европскиот суд на правдата, која претпладнево пресуди во корист на Суперлигата. Во УЕФА се уверени дека нивните нови правила се во согласност со европското право.

Прописите со кои им се забранува на клубовите да основаат и да учествуваат во Супер лигата се прогласени за незаконски, но УЕФА не се откажува.

„Оваа пресуда не значи одобрување на таканаречената Суперлига. Напротив, ја истакнува веќе постоечката празнина во регулативите на УЕФА, технички аспект кој веќе е препознаен и коригиран во јуни 2022 година со нови текстови“, се вели во соопштението на УЕФА.

Прописите на Европската фудбалска унија (УЕФА) и Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) со кои се забранува влез на клубови во Суперлигата се незаконски, одлучи денеска Европскиот суд на правдата.

Случајот беше сослушан минатата година пред Европскиот суд на правдата, откако Супер лигата пропадна помалку од 48 часа по нејзиното лансирање во април 2021 година, по остри критики од навивачите, јавноста и бројни клубови.

Европската Суперлига е проект кој 12 клуба го започнаа во април 2021 година, но поради критиките од јавноста, девет клуба Арсенал, Челзи, Ливерпул, Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед, Тотенхем, Интер, Милан и Атлетико Мадрид веднаш го напуштија натпреварувањето, а од оваа година Јувентус. Верни на идејата останаа само Реал Мадрид и Барселона.

А22, компанијата која стои зад формирањето на новото натпреварување, потоа ги тужеше УЕФА и ФИФА за кршење на законот за натпреварување и злоупотреба на доминантната позиција.

Судот денеска пресуди дека правилата на УЕФА се во спротивност со европското право за конкуренција, бидејќи тие не се регулирани со „никакви критериуми што ќе обезбедат нивна транспарентност, објективност и недискриминација“.

Сепак, УЕФА верува дека во меѓувреме ја пополнила празнината, откако минатото лето усвои регулатива на 24 страници која предвидува систем за овластување за „меѓународните клупски натпреварувања“.

Европската куќа на фудбалот „останува решена да ја брани пирамидата на европскиот фудбал, заедно со националните федерации, лиги, клубови, навивачи, играчи, тренери, институции на ЕУ, влади и партнери“, се додава во соопштението.

Scroll to Top