Top Sport

УЕФА ја претстави новата Лига на шампиони

Новиот формат на Лигата на шампионите ќе стартува од следната есен. Ова го објави УЕФА на официјалната веб-страница. Најважната промена е што во најсилното европско клупско натпреварување ќе учествуваат 36 клуба, а не 32 како досега.

„УЕФА покажа посветеност на основните вредности на спортот и ги бранеше принципите на отворени натпреварувања. Постои спортска солидарност, која го краси европскиот спортски модел“, изјави Александар Чеферин, претседател на УЕФА.

Нема повеќе групи, туку се игра лига систем на натпреварување. Во првата фаза секоја екипа ќе има по осум натпревари и ќе собира бодови за да се пласира во следната фаза. Веќе нема да играат против истите противници дома и на гости.

Квалификациите за Лигата на шампионите ќе бидат отворени во зависност од пласманот на клубот во домашното првенство на крајот од претходната сезона и националниот коефициент. Дополнителни четири екипи влегуваат во Лигата на шампионите според следните правила.

Една третопласирана екипа од петтата најсилна лига во Европа според коефициентот на УЕФА.

Другиот тим ќе биде шампион на својата земја кој преку патот на шампионите ќе влезе во Лигата на шампионите. Во Лигата на шампионите досега низ четирите прелиминарни кола влегуваа четири екипи, а од следната сезона ќе има место за пет.

Третата и четвртата екипа влегуваат врз основа на добрите резултати од претходната сезона. УЕФА автоматски ќе испрати две екипи во главната фаза од Лигата на шампионите според коефициентот и успехот од претходната сезона.

Системот на бодување не се менува. Остануваат три бода за победа и еден за нерешен резултат. Бидејќи сите екипи учествуваат во лигата, осумте најдобри одат директно во осминафиналето.

Екипите пласирани од 9. до 24. место ќе го одиграат еден натпревар дома и еден на гости за да се пласираат во осминафиналето.

Двојките во таа фаза ќе бидат одредени со ждрепка, а екипите ќе бидат поделени во две групи, носители (од 9. до 16. место во лигата) и неносители (од 17. до 24. место). Потоа, победниците ќе играат против еден од осумте најдобро пласирани од првиот дел на сезоната.

Scroll to Top