Top Sport

УЕФА поради хулиганите го казни АЗ Алкмар

Дисциплинската комисија на УЕФА го казни холандскиот прволигаш АЗ Алкмар поради дивеењето на навивачите на натпреварот од Конференциската лига против Вест Хем во мај оваа година. УЕФА го казни АЗ со вкупно 80.000 евра и условно еден натпревар без публика поради навивачки нереди во полуфиналето на Конференциската лига.

Англискиот тим победи со 1:0 во Алкмар, откако во Лондон беше 2:1, со што го потврди пласманот во финалето. Сепак, по завршувањето на мечот во Холандија дојде до навивачки нереди. Група локални хулигани упаднаа во дел од главната трибина каде имаше околу двесте навивачи на лондонскиот клуб, од кои повеќето беа членови на семејствата на фудбалерите и пријатели на клубот.

Навивачите на АЗ ги нападнаа посетителите, а неколку играчи на Вест Хем ја прескокнаа оградата и влегоа меѓу хулиганите за да ги одбранат своите семејства. УЕФА го казни АЗ со 50.000 евра за навивачите кои се префрлиле од еден сектор во друг и ја нападнале гостинската трибина.

Дополнителни 15 илјади евра ќе треба да се платат пораи употреба на пиртехнички средства, осум илјади евра за блокирање на скалите на трибините, а 7.125 евра за фрлање предмети. АЗ е условно казнет со играње на домашен натпревар без публика, во период од две години.

Scroll to Top