Top Sport

УЕФА се согласува со Рома и Мурињо дека судењето на Тејлор било лошо?

Иако против Жозе Мурињо и Рома беше покрената дисциплинска постапка за вербалните напади кон англискиот судија Ентони Тејлор по финалето на Лига Европа против Севилја, според „Корире дело спорт“ и во УЕФА се согласни дека судењето на Тејлор „не ги задоволило потребните стандарди“.

Мурињо по мечот го чекаше Тејлор на паркингот на „Пушкаш арената“ во Будимпешта, нарекувајќи го „срамота“, а потоа навивачи на „волчицата“ го нападнаа судијата на аеродромот во унгарската престолнина. Директорот на Рома, Тијаго Пинто пак изјави дека Тејлор не бил „дораснат“ за големо европско финале.

Според „Кориере дело спорт“, одговорниот за делегирање судии во УЕФА, Италијанецот Роберто Росети исто така имал повеќе забелешки за контроверзните моменти на мечот кој заврши 1:1, а потоа Севилја триумфираше на пенали.

Најголемата забелешка, секако, беше играњето со рака на Фернандо во шестнаесетникот на Севилја, нешто што Тејлор одлучи дека се работи за поставување рака на природна позиција, а ВАР не интервенираше, но проблем биле и повеќето жолти картони кои беа доделени на играчите на Рома.

Секако, ништо од ова не може да го оправда однесувањето на Мурињо и на навивачите.

Scroll to Top