Top Sport

УЕФА трпеле закани од Реал поради Суперлигата

Изминатите недели, најмногу по објавувањето на документите од страна на „Фудбал ликс“, повторно е актуелна темата за формирање на фудбалска Суперлига, во која би учествувале 16 најбогати европски тимови.

Како водечки тим во кампањата речиси сите го потенцираа Баерн Минхен, меѓутоа претседателот на Фудалскиот сојуз на Холандија, Мишел ван Праг, за весникот „Кикер“, открил дека планот и пропагандата за Суперлигата е дело на Реал Мадрид.

Ван Праг е еден од оние луѓе што учествувале на состаноците помеѓу УЕФА и клубовите поддржувачи на идејата за основање на Суперлигата.

„Реал Мадрид е клубот што и се закануваше на УЕФА во врска со Суперлигата. Заканите беа такви што јавно не смеам да ги кажам зборовите со кои делегацијата на Реал и се закануваше на УЕФА. Не смееме прстот да го впериме само во Баерн Минхен, бидејќи германскиот клуб со сите сили се обидуваше разговорите да бидат конструктивни и аргументирани“, рекол Ван Праг.

Првиот човек на Фудбалскиот сојуз на Холандија, сумирајќи ги искуствата од одржаните состаноци, изразил сомнеж дека европската Суперлига некогаш ќе биде формирана.

Според објавените документи на „Фудбал ликс“, Суперлигата е најавена за 2021 година.

Во лигата би се натпреварувале Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид, Челси, Арсенал, Манчестер јунајтед, Манчестер сити, Ливерпул, Јувентус, Рома, Интер, Милан, Баерн Минхен, Борусија Дортмунд, ПСЖ и Олимпик Марсеј.

Scroll to Top