Top Sport

Улие: Можеби Ливерпул ќе беше шампион со Роналдо

Поранешниот менаџер на Ливерпул, Французинот Жерар Улие, вели дека „црвените“ можеби би станале шампиони доколку тој ја имал шансата да потпише со Кристијано Роналдо додека тој беше тинејџер.

Улие вели дека главниот проблем зошто тој не можел да го донесе Роналдо од Спортинг Лисабон во 2003 година е поради тоа што во Ливерпул имале стриктна структура на плати за играчите.

„Јас го гледав уште на турнирот во Тулон за играчи под 21 година и тргнавме по него. Но, имавме скала за одредување плати и не ја дававме доволната сума. Манчестер јунајтед играа пријателска со Спортинг и сите нивни момци му порачаа на Алекс Фергусон да потпише со него“, изјави Улие.

Роналдо се приклучи на Јунајтед за 12 милиони фунти, по што освои три титули од Премиер лигата, една од Лигата на шампионите и ја доби првата „Златна топка“ пред да замине во Реал Мадрид во 2009 година.

Улие, кој беше менаџер на Ливерпул шест години, од 1998 до 2004 година, го предводеше тимот до шест големи трофеи, вклучувајќи ја исклучителната 2001 година кога победи на ФА-купот, Лига купот и УЕФА-купот.

„Можеби ќе ја освоевме и англиската титула со Роналдо, но го имавме Хери Кјуел, кој беше исклучителен и гладен за победи, но тогаш имаше лоша повреда“, изјави Французинот.

Scroll to Top