Top Sport

Ултрасите на Интер со 50.000 свирчиња ќе покажат колку го мразат Лукаку

Ромелу Лукаку ќе биде непријателски пречекан на „Џузепе Меаца“ кога во дресот на Рома ќе игра против Интер на крајот на октомври. Белгискиот напаѓач беше херој на навивачите на Интер, постигна 78 гола на 123 натпревари за тимот, со него ја освои титулата во Серија А, играше во финалето на Лигата Европа и Лигата на шампионите, а потоа поради една негова одлука, стана персона нон грата.

Лукаку стана омразен лик кај навивачите на Интер откако беше откриено дека преговарал за нова позајмица од Интер, водеил и активни преговори со Јувентус. Го означија како предавник и му порачаа на клубот да ги прекине преговорите со него. Во финишот на преодниот рок се договори со Рома.

„29 октомври треба да го заокружиме со црвено во календарите за да бидеме спремни да слушне колку сме згрозени затоа што ни го сврте грбот на најсрамен можен начин. Покажа дека е мал човек, треба да знае како да се однесува и да си го одржи зборот. Бевме на негова страна, а тој ни го сврте грбот“, стои во соопштението за медиумите на ултрасите на Интер, кои го додаваат и ова:

„Пред натпреварот против Рома, „Curva Nord“ ќе подели 50.000 свирчиња кои ќе бидат искористени секогаш кога топката ќе биде кај предавникот. Ајде да покажеме како треба да се однесуваме со некој што се покажува недостоен за нашиот дрес“.

Scroll to Top