Мексиканскиот ас на ПСВ Ајндховен, Ирвинг Лозано е пред трансфер во Наполи, и тоа не обичен трансфер, туку комплексен финансиски договор кој е соддржан на неверојатни 60 страници, открива италијанскиот весник „Ла република“.
Наполи ќе ги платат 42-те милиони евра на холандскиот клуб на две рати, иако дел од вестите велеа дека се работи за четири рати. Главниот проблем на договорите во Наполи се правата на имиџот на фудбалерите, бидејќи претседателот Аурелио ди Лаурентис инсистира тие да ги добие клубот.
Ова било проблем за „Чаки“ Лозано и неговиот агент Мино Рајола, бидејќи Лозано е вистинска ѕвезда во својата татковина. Сепак, за да се најде решение за барањата на Лозано се склучил комплексен договор од 60 страници. Според весникот „Ил матино“, Лозано ќе добива 4.5 милиони евра годишна плата плус многубројни бонуси за тимски и индивидуални остварувања.
Рајола, секако, ќе добие голема провизија, а 20 отсто од парите кои ќе ги добие ПСВ ќе отидат кај претходниот клуб на Лозано, Пачука. 24-годишниот Чаки постигна 21 гол и имаше 12 асистенции во 40 натпревари за ПСВ, а посебно привлече внимание по минатогодишниот настап на СП во Русија со Мексико.