Тренерот на Манчестер јунајтед, Рубен Аморим, верува дека неговите играчи ќе имаат корист откако беа со свирежи испратени од теренот во Куала Лумпур. „Црвените ѓаволи“ загубија со 1:0 од АСЕАН Ол-стар тимот.
Откако ја завршија лошата сезона во Премиер лигата со победа против Астон Вила во неделата, клубот прелета 6.600 милји до Малезија, но ни таму не успеаја да ги тргнат проблемите што ги следат низа целата сезона.
Натпреварот се одигра по тешки временски услови, температури повисоки од 30 степени и висока влажност, а тимот на Аморим не успеа да реализира голем број можности и покрај честите замени, поради што користеа дури 25 играчи на теренот.
Гол во второто полувреме постигна крилниот напаѓач на Мјанмар, Маунг Маунг Лвин, што беше доволно за репрезентацијата на Југоисточна Азија да ја прослави победата пред 72.550 гледачи на стадионот „Букит Џалил“.
На крајот од натпреварот, значителен дел од гледачите, кои платија до 260 фунти за билети, го исвиркаа Јунајтед за време на нивната прва посета на Малезија од 2009 година.
„Секогаш се чувствував виновен за перформансите на тимот уште од првиот натпревар откако сум тука“, рече Аморим. „Можеби свирежите се нешто што ни треба, бидејќи секој пат кога губевме во Премиер лигата, навивачите секогаш беа со нас. Чувствував дека нè поддржуваат до крајот. Ќе видиме за следната сезона.“
Јунајтед ја заврши сезоната на 15-то место во Премиер лигата со 42 бода, што се смета за најлошата сезона на клубот откако испаднаа од лигата во сезоната 1973/74. Тие исто така го загубија финалето на Лигата на Европа од Тотенхем со 1:0 во Билбао, со што ја испуштија можноста да играат во Лигата на шампионите следната сезона.