Најавуван како новиот „спасител“ на бразилскиот фудбал, Габриел Барбоса, попознат како Габигол беше подготвен да стане ѕвезда во тимот на Интер, кои платија 30 милиони евра за неговите услуги. Но, по европската катастрофа, кога сите го отпишаа, 22-годишниот напаѓач одеднаш е најдобриот стрелец во Бразил со неговиот стар клуб Сантос.
Габигол пристигна во Европа во 2016 година со над 150 натпревари и 50 голови зад себе и со четири настапи за бразилската репрезентација во која постигна два гола. Тогаш почна „катастрофата“ во Интер, каде што беше во сенка на Мауро Икарди и имаше само девет настапи како замена и постигна само еден гол во дресот на Интер.
Следната година „нераѕурите“ го пратија во Бенфика на „калење“, но таму беше уште покатастрофално – без место во првиот тим, тој настапи пет пати, пред португалскиот клуб да му го прекрати договорот.
Во јануари 2018, Габигол се врати во Сантос, клубот од кој се збогуваше само 18 месеци претходно и ниту таму не беше прва ѕвезда, таа улога ја презеде 17-годишниот Родриго. Во првите 20 натпревари во Бразил тој постигна само седум гола, пред во следните 13 да има десет и да стане најдобриот стрелец во бразилската Серија А со шанси Сантос да го однесе во место за Копа Либертадорес.
А критиките беа гласни. Франк де Бур, тогашниот тренер на Интер беше еден од најразочараните.
„Тој мисли дека уште е во Бразил и дека може да оди наместо да трча. Сакаше само да ја има топката во нозе, немаше желба за тренинг. Потенцијалот беше тука, но Европа не е исто како Бразил“, изјави тогаш Де Бур.
Сега, Габигол вели дека не жали за времето во Интер, каде што уште може да направи кам-бек.
„Тие се голем тим и добро ме примија. Работите не одеа како што сакав, но уште имам љубов кон нив, кон фановите и кон фудбалерите. Барем го научив италијанскиот јазик и го засакав Милано“, вели Габигол.