Top Sport

В.Д селекторот на „Слоновите“ влезе во историјата на африканскиот фудбал

Брегот на Слоновата коска, вчера на домашен терен, трет пат во историјата стана шампион на Африка. Херој на нацијата е Себастијан Але, кој го постигна голот за победа во финалето пртив Нигерија, а веднаш до него е вршителот на должноста селектор, Емерс Фае.

Патот на „Слоновите“ до континенталната титула наликува на филмска приказна со среќен крај.

Самите не знаат како успеаја да влезат во осминафиналето, откако целосно се изрезилија во групата А. Забележаа една победа и два порази, од кои вториот беше катастрофален од Екваторијална Гвинеја (4:0).

Домаќините по тој пораз го сменија селекторот Жан-Луј Гасе и до последното коло од фазата по групи чекаа поволни вести. На крајот ги дочекаа, бидејќи со победата на Мароко над Замбија (1:0), „Слоновите“ влегоа во осминафиналето како најлоша меѓу четирите третопласирани репрезентации кои го продолжија натпреварувањето (две испаднаа).

Задачата да ја води репрезентацијата во нокау фазата ја доби помошникот на Гасе, Емерс Фае.

Останатото е историја. Фае ги мина сите предизвици, од кои најтешкиот беше во четвртфиналето против Мали. Неговата селекција од 37.минута играше со фудбалер помалку, имаше негатива од еден гол, но изедначи во 90.минута, а во 120.минута изборија место во полуфиналето.

Таму херој бепе Але, кој го постигна единствениот гол во пресметката со ДР Конго.

Фае со 40 години и 18 дена стана најмладиот селектор кој бил првак на Африка. Тој го надмина Французинот Клод ле Рој (40 години, 50 дена), кој стана шампион со Камерун во 1988 година.

Фае како фудбалер играл за Нант, Рединг и Ница. Поради повреди кариерата ја заврши на 28-годишна возраст.

Scroll to Top