Top Sport

Вака не се води тим – објасни навивачот на Ковентри

Навивачот на Ковентри сити, Дарен Кедзиерски објасни како исфрустрираноста од неговите миленици го натера да влезе на теренот на „Рикох арената“ во вторникот навечер.

Кедзиерски, кој инаку работи како поставувач на теписи, стана интернет-сензација откако излезе на теренот при поразот во третата лига од Форест Грин и се расправаше со играчите на Ковентри. Сега во интервју за локалниот весник „Ковентри телеграф“, тој ги објасни мотивите.

„Во основа ми дојде преку глава од начинот на кој се води овој клуб. Знам дека згрешив, но потрошив многу пари патувајќи за Акрингтон во саботата, и потрошив многу пари гледајќи го овој тим“, изјави Кедзиерски.

Тој почна со дискусијата со напаѓачот Марк Мекналти, пред повеќето зборови да бидат упатени кон капитенот Мајкл Дојл.

„Им кажав дека ми е доста да го гледам ова ѓубре и дека никој од нив не се труди доволно. Му објаснив на Мајкл Дојл дека тимот е растурен. Луѓето трошат дел од своите плати и не добиваат ништо за тоа. Не бев навредлив кон нив. Тоа што мафтав со рацете можеби го направи мојот чин поагресивен“, додава Кедзиерски.

Тимот на менаџерот Марк Робинс, порано постојан член на Премиерлигата, е на осмото место во третата лига, со седум поени помалку од лидерот Лутон. Полицијата на западен Мидлендс најави истрага за инцидентот.

Scroll to Top