Top Sport

„Вака умре Марадона“: Обвинителот ја шокира Аргентина на почетокот на судењето

Денеска во Буенос Аирес се одржа првата седница од судењето на лекарскиот тим за смртта на легендарниот Диего Марадона. На почетокот обвинителот Патрисио Ферари ги шокира присутните. Обвинителот покажа фотографија од Марадона во моментот на неговата смрт, која предизвика силни емоции кај семејството и кај присутните.

„Вака умре Марадона“, рече Ферари додека ја држеше фотографијата, нагласувајќи дека тешката здравствена состојба на Марадона е очигледна и дека никој од обвинетите не може да тврди дека не знаел за состојбата на Марадона.

Неговите ќерки Далма и Џанина се расплакаа, а подоцна ги утеши нивната сестра Јана. Драматичната сцена беше емитувана во живо на Јутјуб каналот на Врховениот суд на провинцијата Буенос Аирес и брзо се рашири низ социјалните мрежи.

Осум лица се на обвинителна клупа, вклучувајќи лекари и медицински сестри кои се грижеа за Марадона во неговите последни денови. Меѓу нив е и неврохирургот Леополдо Луке, кој му бил доктор на Марадона.

Пристигнувањето на медицинскиот персонал во судската зграда во Сан Исидро, предградие на Буенос Аирес, наиде на негодување од луѓето кои се собраа пред зградата и извикуваа „убијци“.

Тензиите беа уште поголеми поради реакцијата на поранешната сопруга на Марадона, Вероника Оједа, која се судри со еден од обвинетите, психијатарот Агустин Косачов. Неколку часа пред судењето, ќерката Далма во телевизиско интервју изјавила дека бара правда и ја повторила теоријата за заговор на моќници кои сакале Марадона да умре.

„Сакаме овие луѓе да кажат кој ги вработил, кој ги плаќал, кој управувал со куќата“, рече Далма.

Обвинителот Ферари во воведниот збор истакна дека по една година истрага е изготвено цврсто обвинение без противречности, врз основа на докази. Според Ферари, постојат силни докази дека обвинетите се одговорни за смртта на Марадона за време на неговото домашно лекување од 11 до 25 ноември 2020 година, во она што се нарекува „куќа на ужасите“.

Обвинителот заклучи дека „семејството и аргентинскиот народ заслужуваат правда“.

Марадона почина на 25 ноември 2020 година, на 60-годишна возраст, поради кардиореспираторна криза во неговата резиденција во Тигре, ексклузивно предградие северно од Буенос Аирес, каде што се опоравуваше од операцијата за отстранување на хематом на главата.

Scroll to Top