Поранешниот фудбалер, тренер и директор на Реал Мадрид, Хорхе Валдано оценува дека на Герет Бејл „воопшто не му е грижа“ што Зинедин Зидан веќе не смета на него во блиската иднина.
Ова не е првпат позицијата на Бејл кај „кралевите“ да биде „замрзната“, но досега Реал постојано го враќаше во игра, ценејќи дека толку скап играч не треба да седи на клупата. 30-годишниот Бејл исто така е лесна мета за навивачите на „кралевите“, но Валдано смета дека Зидан веќе не планира да го пушти во игра до крајот на сезоната.
„На Зидан му се потребни сите фудбалери и сите да бидат вклучени во натпреварите. Но, тоа ќе се случи без Бејл, кој веќе е отпишан. Нему воопшто не му е грижа, а тренерите знаат кога еден фудбалер сака да игра“, вели Валдано.
Бејл влезе во игра од клупа при 3:1 победата на Реал над Еибар, но потоа не беше во составот за дуелите со Валенсија и Реал Сосиедад.