Барселона може да обезбеди место во осминафиналето на Лигата на шампионите во вторник на гостувањето во Грција кај Олимпијакос, меч кој ќе има посебно емотивно значење за тренерот Ернесто Валверде
Валверде стана миленик на најуспешниот грчки тим во историјата, откако ги предводеше до три лигашки титули и два купа од 2008 до 2014 и сигурно ќе добие добар пречек од фановите на стадионот „Јоргос Караискакис“. 53-годишниот Шпанец вели дека едвај го чека моментот, но дека е најважно што ќе се случи на теренот.
„Емотивен сум што дојдов во Атина, на овој стадион, бидејќи имам добра историја. Едвај го чекам натпреварот во секоја смисла. Играме за можна квалификација, а и атмосферата секогаш е прекрасна. Знам дека ќе ми дадат добар пречек, но ќе навиваат за својот тим. Секогаш сум бил почитуван тука во Грција, дури и најлутите ривали на Олимпијакос биле добри со мене“, изјави Валверде.
Ултра групата на грчкиот клуб „Гејт 7“ подготвува сопствена церемонија за својот поранешен тренер, јавуваат грчките медиуми.
„Блауграна“ влегува во мечот со три поени предност во групата Д, по победата во првите три меча, така што и реми може да им биде доволно за пласман, ако Јувентус го победи Спортинг Лисабон.
Од друга страна, тренерот на Олимпијакос, Такис Лемонис има големи проблеми – тимот ги загуби трите меча досега во ЛШ, а покрај тоа имаат само 4 победи во последните 12 меча и загубија со 1:0 од ривалите Панатинаикос во саботата.