Top Sport

Валверде: Не знам зошто Лас Палмас доби пенал (Видео)

Тренерот на Барселона Ернесто Валверде бил лут на судијата Лахос и неговата одлука во 49.минута да досуди пенал за Лас Палмас. Барселона во 26.коло гостуваше кај еден од најлошите тимови во лигата и не успеа да забележи победа. Мечот заврши со резултат 1:1.

„Тој пенал ни наштети, а видовме дека пенал немаше. Не сакам да го коментирам судењето, но на полувремето разговарав со него (судијата Лахос) и барав објаснување за играта со рака на голманот на Лас Палмас надвор од неговиот простор. А кога станува збор за пеналот и понатаму не знам зошто е досуден. Ниту во соблекувалната не ни беше јасно кој што направил за да биде досудена најстрогата казна“, рекол Валверде.

Иако одлуката на Лахос е сомнителна, за нерешениот резултат најмногу придонесоа играчите на Барселона кои против Лас Палмас одиграа под своето ниво, особено во второто полувреме кога не создадоа гол шанса.

Покрај тренерот незадоволен од судењето бил и Џерард Пике, кој не играше на овој натпревар. Тој го чекал судијата и се обидел да побара објаснување. Пике покажувал со прст кон Лахос, а од теренот успеал да го тргне еден од официјалните преставници на Барселона.

Scroll to Top