Тренерот на Барселона, Ернесто Валверде признава дека го почитува Дани Олмо како одличен фудбалер, одговарајќи на шпекулациите дека каталонскиот клуб ќе го врати фудбалерот на Динамо Загреб во својот матичен клуб.
21-годишниот Олмо е продукт на „Ла масија“ академијата на Барселона, но како 16-годишник направи изненадувачки трансфер во Хрватска, каде што го покажа својот талент и сега е поврзуван со повеќе европски клубови, вклучувајќи го и Челси. Тој во ноември дебитираше за шпанската сениорска репрезентација со гол. Динамо бараат над 30 милиони евра за него.
„Тој е фудбалер кој веќе беше во Барселона. Се работи за одличен фудбалер, но во моментов тој е фудбалер на друг клуб и не коментирам шпекулации. Мораме да бидеме внимателни што зборуваме“, изјави Валверде.
Барса се враќа во акција во градското дерби со Еспањол, кои неодамна го поставија Абелардо, поранешниот фудбалер на Блауграна за нов тренер по мизерниот старт на сезоната по кој се во зоната за испаѓање.
„Тие ќе сакаат да реагираат бидејќи имаат нов тренер. Сакаат да го стартуваат вториот дел од сезоната со победа и навистина би сакал Еспањол да остане во прва лига“, вели Валверде.