Top Sport

Верон: Братот Михајловиќ ме учеше како да изведувам слободни (видео)

Аргентинската фудбалска легенда, Хуан Себастијан Верон вели дека кога неговиот сонародник Хоакин Кореа го запрашал за совети при изведувањето на слободните удари, тој му пренел знаење кое го добил од Синиша Михајловиќ кога беа соиграчи во Сампдорија.

Верон играше за Лацио две сезони освојувајќи скудето и Копа Италија, а при крајот на кариерата играше со сегашниот напаѓач на римскиот клуб Кореа во Естудијантес, каде што му бил ментор.

„Кога беше мал бараше да му објаснам како најдобро да изведува слободни удари. Го научив како да го постави телото и како да шутне, нешто што го научив од Синиша Михајловиќ“, вели Верон во интервју за „Ла газета дело спорт“.

Верон и Михајловиќ играа заедно во Сампдорија, Лацио и Интер, и Аргентинецот вели дека контактира со српскиот тренер на Болоња, кој се бори со леукемијата.

„Му пратив порака кога ја имаше прес-конференцијата, но го знаев одговорот уште пред да ми го прати: ’Благодарам, те сакам, но јас ќе победам’. За мене тој е брат. Мојата кариера во Италија почна и заврши со него, тој беше секогаш тука за мене“, вели Верон.

Михајловиќ беше легендарен по своите слободни удари, постигнувајќи 28 гола во Серија А од слободен удар.

„Само што пристигнав во Италија, почнав да тренирам со него. Првиот ден ги постави пречките на седум метри и јас му кажав дека нема шанси да го направам тоа. Тој ги постигна сите голови“, вели Верон.

Scroll to Top