Федерико Валверде го „обвини“ Мохамед Салах дека не го почитува Реал и неговите играчи поради изјавата на Египќанецот дека сака да игра против „кралскиот клуб“ во финалето на Лигата на шампионите, за да може да се одмазди за поразот во борбата за трофејот, во 2018 година.
Ливерпул ден пред Реал избори пласман во финалето, а по реваншот против Виљареал, напаѓачот на „црвените“ изјави дека би сакал Реал да биде ривал во финалето.
„Искрено, би сакал да играм против Реал. Последниот пат загубивме од нив, па би сакал тие да ни бидат ривали и се надевам дека ќе можеме да ги победиме“, изјави тогаш Салах.
Салах пред неколку дена на доделувањето на наградите на Здружението на фудбалски новинари ја повтори својата изјава и малку „зачини“:
„Мислам дека е време за одмазда. Последен пат нè победија во финалето“.
За играчот на Реал Мадрид, Федерико Валверде, изјавата на Салах е навреда за клубот од Мадрид и неговите играчи.
„Тоа е изјава која секој може да ја толкува како сака. Јас сум негов противник и за мене тој покажува непочитување кон Реал и неговите играчи. Она што треба да го направиме е да дадеме се од себе и да покажеме зошто сме во финалето и да се надеваме дека можеме да освоиме нов трофеј за навивачите и клубот“, изјави Уругваецот.
Финалето на Лигата на шампионите се игра во сабота од 21 часот.