Најскапиот дефанзивец во историјата, Виргил ван Дајк го постигна победничкиот гол на „Мерсисајд“ дербито, за да помогне Ливерпул со 2:1 триумф да го совлада Евертон во третото коло на ФА купот.
Холанѓанецот погоди во 85. минута за совршено да го најави своето доаѓање на „Енфилд“ по трансферот од 75 милиони фунти од Саутемптон.
Ливерпул претходно водеа по контроверзниот пенал на Џејмс Милнер, пред Исланѓанецот Гилфи Сигурдсон да израмни за Евертон. Кога беше блиску до реми и до втор меч, Ван Дајк најдобро се снајде во воздухот за да ги елиминира „карамелите“.
Манчестер јунајтед со два доцни гола успеа да го скрши отпорот на второлигашот Дерби Каунти за 2:0 победа. Џеси Лингард ја продолжи „жешката“ форма со одличен гол во 84. минута, пред повратникот во тимот Ромелу Лукаку да стрела уште еднаш во 90-тата минута.