Top Sport

Ван Дајк: Сакам да бидам легенда на Ливерпул

Виргил ван Дајк, најскапиот дефанзивец во историјата на фудбалот (75 милиони фунти), признава дека како млад не бил доволно добар да игра како централен бек, но сега има само една амбиција – да стане легенда на Ливерпул.

„Кога имав 16 години бев спор десен бек, бидејќи едноставно не бев доволно добар да играм во средината. Никогаш не бев меѓу најдобрите додека не заиграв за У-19 тимот и станав капитен. Потоа работите се сменија“, вели Ван Дајк во интервју за „Би-би-си спорт“.

Ван Дајк од Гронинген направи трансфер во Селтик во 2013 година, по што дојде во Премиер лигата со Саутемптон две години подоцна. Неговата форма ги заинтересира клубовите од Европа, пред Ливерпул да направи потег и да го направи најскапиот дефанзивец во јануари 2018 година.

„По крајот на летниот преоден рок во 2017 година, ја спуштив главата и играв за Саутемптон како и претходно. Бев среќен што се вратив по повреда од осум месеци. Кога дојде декември и ми кажаа дека договорот е направен, бев премногу среќен. Сакам да бидам запаметен како легенда на Ливерпул и да остварам големи работи со овој фантастичен тим. Кога играш за клуб како Ливерпул, стануваш дел од семејството. Тоа беше една од причините поради кои сакав да потпишам со нив“, додава 27-годишниот Холанѓанец.

Фото: ЕПА

Scroll to Top