Top Sport

Ван дер Сар: Кај Ајакс нема попусти!

Ајакс, како и сите големи фудбалски клубови, не се имуни од економските последици од пандемијата на корона вирусот, но сигурно нема да ги даваат своите фудбалери на „попуст“, вели извршниот директор на клубот, голманската легенда Едвин ван дер Сар.

Ајакс подолго време има репутација на „фабрика на таленти“ во европскиот фудбал, заработувајќи 150 милиони евра минатото лето од трансферите на Френки де Јонг во Барселона и Матијс де Лихт во Јувентус.

„Минатиот јануари луѓето велеа дека ќе загубиме седум или осум фудбалери, но на крајот останавме само без двајца клучни играчи. Големите клубови како Баерн Минхен најавуваат дека сумите за фудбалери ќе се намалат во следниот период, но лесно им е да кажуваат така кога тие се купувачи. Секако, трансферите од 150-200 милиони евра се минато. Но, има многу вредност во нашите фудбалери. Добро образувани, искусни, со победнички дух и подготвени за европски фудбал“, вели Ван дер Сар во интервју за „Ајакс“.

„Копјаниците“ веќе се согласија да го продадат Мароканецот Хаким Зијеш во Челси за 40 милиони евра, а шпекулациите велат дека е можно да има трансфери на Дони ван де Бек, Николас Таљафико и голманот Андре Онана. Ван дер Сар вели дека нема да има „распродажба“ под цена.

„Лани имавме усни договори со Онана, Таљафико и Ван де Бек да останат уште една сезона и потоа да помогнеме во следниот чекор во нивните кариери. Тоа не е сменето. Но, нема да има 50 отсто попуст. Големите клубови нека заборават на тоа“, предупредува Ван дер Сар.

Scroll to Top