И покрај критиките дека Дони ван де Бек погрешил со трансферот во Манчестер јунајтед откако не стана дел од првиот тим на Оле Гунар Солскјер, човекот кој помогна во овој трансфер, директорот на Ајакс и поранешен фудбалер на двата клуба, Едвин ван дер Сар смета дека во клубот имаат огромна верба во Холанѓанецот и дека тој евентуално ќе биде ѕвезда на клубот.
Јунајтед платија 35 милиони фунти за Ван де Бек во летниот преоден рок, давајќи му петгодишен договор и тој пристигна со огромна репутација на креативен фудбалер од средниот ред, но имаше само два старта во Премиер лигата и остана на клупата во последните пет меча, вклучувајќи го 0:0 ремито со Ливерпул на „Енфилд“.
Солскјер обично ги избира Бруно Фернандеш, Пол Погба и Фред пред 23-годишниот Холанѓанец, но Ван дер Сар вели дека го следи прогресот на сонародникот.
„Постојано зборувам со луѓето во клубот и Дони покажува фантастичен однос на тренинзите. Тешко е да се пробиеш во средината на Јунајтед. Погба е назад, Фернандеш е многу важен, тука се и Матиќ и Мектоминеј. Не е срамота, бидејќи е голем клуб, нели? Сумата која ја платија беше голема, но и неговото време ќе дојде“, вели Ван дер Сар.