Луис ван Гал очигледно уште не го „преболил“ отказот кој го доби од Манчестер јунајтед, влегувајќи во нов напад на водството на клубот.
Поранешниот холандски селектор не успеа да ги убеди фановите, кои не беа задоволни од досадната игра на „ѓаволите“ (нешто што не се смени ниту под Жозе Мурињо), но уште поважно, ниту шефовите на Јунајтед, кои беа решени дека Мурињо е вистинскиот избор.
Ван Гал во интервју за „Спорт Билд“ вели дека директорот на клубот, Ед Вудвард постојано го убедувал да не верува во шпекулациите во печатот, и му велел дека неговата работа е „сигурна“.
„Навистина е погрешно кога директорот ти вели дека тие се апсолутно среќни со тебе и не верувај сè што ќе прочиташ. Потоа, ќе го освоиш ФА купот и ќе добиеш отказ“, вели Ван Гал.
Ван Гал прво остро го критикуваше Јунајтед за ангажирањето на Мурињо, но сега вели дека Португалецот не е виновен.
„Не сум разочаран со Жозе Мурињо. Секој тренер сака да биде на клупата на Манчестер јунајтед, бидејќи се работи за еден од најголемите клубови на светот. Жозе го сакаше многу тоа. Тој беше 13-ти со Челси, јас бев на четвртото место, но тој ја доби работата. Сепак, не го обвинувам него“, додава Ван Гал.
Сепак, Холанѓанецот е сигурен за тоа кој е најдобриот тренер во Премиер лигата.
„За мене Пеп Гвардиола е моментално најдобриот тренер во Англија. Тој направи машина со Сити. Покажа фудбал каков што јас сакав да наметнам во Манчестер јунајтед. Но, тој има подобри играчи за да игра така. За мене процесот ќе беше подолг, но за жал, не ми дадоа време“, завршува Ван Гал.