Два големи фудбалски имиња, Реал Мадрид и Јувентус во иста вечер ги завршија настапите во Лигата на шампиони за сезоната 2019/2020. Не успеаја ниту „кралевите“, ниту „Старата дама“ да ја поминат осминафиналната пречка наречена Манчестер Сити, односно Лион.
На „Итихад“ Реал Мадрид загуби со 2-1 од „граѓаните“, со истиот резултат со кој беа поразени и пред пандемијата на коронавирусот на „Бернабеу“.
Стерлинг по катастрофална грешка на Варан уште во 9 минута го доведе својот тим во водство од 1-0. Сепак до полувремето благодарение на погодокот на Бензема, во 28 минута мадридскиот тим остана во игра.
Сепак сега стрелец на сличен начин беше Габриел Хесус, а повторно по грешка на денеска индиспонираниот Варан. Во 68 минута пропаднаа надежите дека Кралскиот клуб може да се надева на четвртфинале.
Манчестер Сити и Пеп Гвардиола, според многумина се едни од најсериозните кандидати за титулата во ЛШ.
Во Торино мечот меѓу Јувентус и Лион заврши со истиот резултат, 2-1. Тоа значеше елиминација за фаворитот поради поразот во Франција со 1-0.
Роналдо постигна 2 гола, но сам не можеше да го одведе тимот предводен од Маурицио Сари во следната фаза.
Депај во 12 минута од пенал погоди за 0-1, исто така од белата точка Роналдо изедначи на 1-1 во 43 минута.
Со прекрасен удар од 20 метри, Португалецот во 60 минута донесе предност од 2-1 и ја врати надежта дека изненадувањето ќе биде избегнато.
Сепак тоа беше недоволно за четвртфинале, иако италијанската екипа настојуваше до последната секунда да стигне до трет погодок.
Лион направи големо изненадување иако пред двомечот никој не им даваше шанси да го поминат италијанскиот шампион.