Фудбалерите на Вардар вечерва (19 часот), во рамките на третото коло во Л групата во Лига Европа, ќе го пречекаат Реал Сосиедад. Во таборот на македонскиот шампион владее умерен оптимизам дека против екипата од Сан Себастијан ќе бидат освоени првите бодови во групата.
Формата на Вардар расте од натпревар во натпревар, а самодовербата е на високо ниво, особено по триумфот над Шкендија во домашното првенство.
„Вториот меч со Розенборг го одигравме многу подобро од оној првиот против Зенит. Против Шкендија во првенството видов дека играчите се полни со самодоверба и се подготвени за утрешниот натпревар да ги освоиме првите бодови во Европа. За да дојдеме до првите бодови во групната фаза, ние добро ги анализиравме нивните игри во домашното првенство и во Европа. Знаеме дека е добар тим, тим кој сака да ја има топката во посед, игра офанзивен фудбал, игра на гол повеќе. Затоа ние добро се подготвуваме на овој натпревар, со една добра организација да бидеме концентрирани од првиот до последниот момент и верувам дека ние ќе ги искористиме нивните слабости. Ги респектираме, но веруваме во своите квалитети и затоа велам дека со добра организација ќе дојдеме до добар резултат. Посакувам и поддршка од публиката од нашата публика која може многу да придонесе“, изјави пред натпреварот тренерот на Вардар, Чедомир Јаневски.
Во првите две кола Вардар запиша два порази, додека Реал Сосиедад има делумен успех. Вардар загуби од Зенит во Скопје (0:5) и од Розенборг во Норвешка (3:1), додека Реал Сосиедад на домашен терен го совлада Розенборг (4:0), а потоа во Русија загуби од Зенит (1:3).
На табелата во Л групата по три кола Зенит води со шест бода, по три имаат Реал Сосиедад и Розенборг, а Вардар е без бодови.
Покрај дуелите во Л групата: Вардар-Реал Сосиедад и Зенит-Розенборг, вечерва во Лига Европа ќе се одиграат уште 22 натпревари