Најтрофејниот македонски клуб Вардар е во обид да се врати во Првата лига. Во Кавадарци, денеска „црвено-црните“ ќе го играат бараж натпреварот за пополнување на елитата, а ќе се пресметаат со претпоследнопласираниот тим од прволигашката табела, ФК Скопје.
Вардарци завршија на третото место во Втората лига, откако цела сезона се мачат со финансиски проблеми, а клубот пред еден месец прејде во рацете на навивачката група „Комити“ која несебично го помага и се обидува да обезбеди услови за фудбалерите и за стручниот штаб.
Тренерот Бобан Грнчаров и фудбалерите на Вардар, како што најавуваат, се максимално мотивирани за завршниот чекор, а ќе имаат огромна поддршка и од своите фанови. Под мотото „Сите вардарци во Кавадарци“, се очекува голем број фанови денеска да бидат 12. играч на „црвено-црните“.
Ривал на Вардар е ФК Скопје, кој е предводен од поранешниот селектор Мирсад Јонуз, а има поддршка и од Општина Гази Баба.
Натпреварот е закажан за 17 часот, а победникот ќе се радува на пласман во Првата лига за следната сезона.