Top Sport

Вардар по „чудо“ во Баскија

Реал Сосиедад пред две недели во Скопје покажа дека меѓу баскискиот состав и македонскиот шампион Вардар има огромна разлика во квалитет, по доминантните 0:6 на „Филип Втори“, а „црвено-црните“ не можат да се пофалат ниту со добрата форма.

Сепак, фудбалот е спорт во кој аутсајдерите знаат да изненадат и во кој секој натпревар почнува со 0:0, така што тимот на Чедомир Јаневски мора да е подготвен да го даде својот максимум и да го „обели“ образот на „Аноета“ во Баскија вечерва со почеток од 21.05 часот.

Поразот од Сосиедад очигледно влијаеше на играта на Вардар и во домашното првенство, каде што во трите меча последните две недели, шампионот загуби од Победа и во градското дерби од Работнички, пред да одигра без голови на гостувањето кај Силекс во Кратово.

„Знаеме колку се силни Сосиедад, но прво треба да внимаваме на нашата игра, и со добра организација и желба можеме да постигнеме добар резултат. Резултатската криза е тука, но ваквите натпревари ни даваат дополнителен мотив за докажување. Сакаме лошиот впечаток од Скопје да го поправиме на гости“, изјави на вчерашната прес-конференција, Јаневски.

Вардар има катастрофална гол разлика од 1:14 по првите три меча во својот деби настап во Лигата на Европа, убедливо најмногу од сите тимови во овогодишното натпреварување и лесно можат да го срушат неславниот рекорд на Слован Братислава, откако словачкиот тим прими рекордни 20 гола во натпреварите по групи во 2014/15.

Тимот на Еузебио Сакристијан пак, игра крајно непостојано оваа сезона во домашниот шампионат што резултираше со деветто место во шампионатот по поразот од Хетафе од 2:1 во неделата. Со победа вечерва, Шпанците ќе се на чекор до пласман во нокаут-фазата на натпреварувањето, но тоа исто така ќе зависи од тоа дали Розенборг ќе успее во Норвешка да му „откине“ некој поен на фаворизираниот Зенит.

Статистиката исто така е на страна на домаќините. Реал Сосиедад има победи во трите последни европски натпревари на домашен терен без да прими гол, а имаат и низа од 11 победи на „Аноета“, примајќи само еден гол. Последен тим кој не им дозволил да победат е Спортинг во второто коло од УЕФА купот во 1988/89, кога одиграа 0:0.

Фото: ФК Вардар

Scroll to Top