Top Sport

Варди в недела последен пат ќе го носи дресот на Лестер

Фудбалскиот клуб Лестер објави дека клупската легенда, Џејми Варди ќе го одигра својот последен натпревар за клубот во недела против Ипсвич.

Лестер ќе го пречека Ипсвич во недела од 16 часот во претпоследното, 37. коло од Премиер лигата.

Сезоната, Лестер ќе ја заврши на 25.мај на гостувањето кај Борнмут, но Варди нема да игра на тој натпревар.

Варди 13 години е во Лестер, а дуелот против Ипсвич ќе биде јубилеен 500. во дресот на „лисиците“. В недела ќе има шанса да го постигне својот 200. гол.

Лестер објави дека ќе одржи прослава пред и по натпреварот во чест на нивниот „најдобар играч на сите времиња“.

Џејми, кој минатиот месец објави дека ќе го напушти Лестер, нема да ја заврши кариерата, но сè уште не објавил во кој клуб ќе ја продолжи.

„Светот на фудбалот е луд, никогаш не знаете што ќе се случи. Ќе продолжам сè додека нозете не ми кажат да престанам. Нозете ми се во добра состојба. Го играм спортот што го сакам, го правам тоа уште од мал, па ајде да продолжиме така“, изјави Варди за „Скај Спортс“.

Англискиот напаѓач ја освои титулата во Премиер лигата со Лестер во сезоната 2015/16, во која беше избран и за најдобар играч во англиското првенство, а оваа сезона постигна девет гола на вкупно 35 натпревари.

Лестер веќе испадна од Премиер лигата и следната сезона ќе игра во Чемпионшип дивизијата.

Scroll to Top