Вечерва ќе бидат познати имињата на последните три тима што ќе играат во фазата по групи во Лигата на шампионите, во сезоната 2018/2019. Синоќа влез меѓу елитата обезбедија АЕК Атина, Јанг Бојс и Ајакс, а последните три тима ќе бидат познати откако реваншите ќе ги одиграат ПАОК-Бенфика (1:1), Слацбург-Црвена звезда (0:0) и ПСВ Ајндховен-БАТЕ Борисов (3:2).
Извлекувањето на групите ќе биде извршено утре во Монако, со почеток во 18 часот. Во пресрет на ждрепката речи е познат распоредот на „шеширите“.
Во првиот „шешир“ се клубовите од Мадрид, Реал и Атлетико, како освојувачи на Лигата на шампионите односно Лига Европа и шампионите на Шпанија, Германија, Италија, Франција, Англија и Русија: Барселона, Баерн Минхен, Јувентус, ПСЖ, Манчестер сити и Локомотив Москва.
Составот на вториот „шешир“ зависи од исходот на реваншот во Солун, помеѓу ПАОК и Бенфика. Доколку, ПАОК влезе во Лигата на шампионите, тогаш осмиот клуб во вториот „шешир“ ќе биде Ливерпул, а грчкиот тим ќе оди во последниот „шешир“, во спротивно Ливерпул извлекувањето ќе го чека во третиот „шешир“, бидејќи Бенфика има подобар коефициент.
Седум клуба се сигурни во вториот „шешир“: Борусија Дортмунд, Порто, Манчестер јунајтед, Шахтјор, Наполи, Тотенхем и Рома.
Кога станува збор за третиот „шешир“ тука се сигурни Шалке, Лион, Монако, Ајакс и ЦСКА Москва, а статусот на Валенсија и Викторија Плзен зависи од резултати на вечерашните мечеви.
Во последниот „шешир“ се наоѓаат Клуб Бриж, Галатасарај, Јанг Бојс, АЕК Атина, Интер и Хофенхајм. Конечниот изглед на последниот „шешир“ ќе биде оформен кога ќе бидат познати имињата на сите учесници во фазата по групи.