Вечерва со најдолгиот натпревар во историјата на Шпанија ќе продолжи фудбалската сезона во оваа земја. Од 20 часот на „Валјекас“ едно полувреме ќе одиграат Рајо Валјекано и Албасете.
Рајо Валјекано и Албасете натпреварот го започнаа во декември минатата година. Дуелот е прекинат по завршувањето на првото полувреме, при резултат 0:0. Фудбалерите на Албасете тогаш одбија да излезат на теренот во вториот дел бидејќи домашните навивачи го навредуваа нивниот соиграч Роман Зузулија.
Украинецот Зузулија го поврзуваат со екстремната десница, додека навивачите на Рајо Валјекано се наклонети кон левицата. Во текот на првото полувреме тие го нарекувале Зузулија фашист.
Во минатото Зузулија бил пред трансфер во Рајо Валјекано. Навивачите на клубот поради неговите политички ставови спречиле клубот да потпише договор со Украинецот.
Вечерва во вторите 45 минути Албасете ќе игра со фудбалер помалку бидејќи Еди Силвестре бил исклучен во првиот дел. Поради инцидентот Рајо беа парично казнети со 18.000 евра.
Интересно е што Рајо Валјекано на овој меч ќе има нов тренер, Лукас Алкараз кој го наследи Луис Мигел Рамис.
Уште поинтересна е информацијата дека играчите кои пристигнаа во Рајо Валјекано и Албасете во зимскиот преоден рок нема да можат да настапат вечерва.