Вејн Руни тврди дека Луис ван Гал е „убедливо најдобриот тренер“ со кој работел во неговата кариера, избирајќи го контроверзниот Холанѓанец пред Сер Алекс Фергусон, Жозе Мурињо и Фабио Капело.
Ван Гал, кој беше тренер на Манчестер јунајтед во 2014 и ги врати во Лигата на шампионите и го освои ФА купот, работеше две години со Руни, кој претходно работеше со Сер Алекс и со Мурињо на „Олд Трафорд“ и со Капело во англиската репрезентација. Сепак, Руни вели дека тактичката подготвеност го поставува Ван Гал на првото место.
„Ван Гал е убедливо најдобриот тренер со кој сум работел, сто отсто е така. Неговата тактичка подготвенот, начинот на подготвувањето и вниманието на деталите беше неверојатно. Му се восхитував. Никогаш не сум видел такво нешто“, вели Руни во интервју за „Дејли мирор“.
И покрај ова, тој признава дека немал најдобри односи со Холанѓанецот, но дека научил многу од него.
„Ван Гал знае дека начинот на работа е напорен за фудбалерите. Му го кажав тоа тогаш и разговаравме за фудбалот. Жалам како заврши, но знам дека научив од него и дека еден ден кога ќе станам менаџер ќе ги применам тие лекции“, вели 33-годишниот Руни, кој ја продолжи фудбалската кариера во Ди Си јунајтед, за кои оваа недела постигна фантастичен гол.