Дерби Канти се бореше со крајот, но не можеше да ги надомести сите одземени бодови на клубот поради грешките на претходните сопственици. Клубот испадна во Лига 1, третолигашкиот ранг во Англија, а Вејн Руни истакна дека се чувствува горд затоа што тимот доби овации од трибините и покрај испаѓањето.
„Никогаш не сум видел навивачи да реагираат така кога некој тим ќе испадне од лигата. Поддршката што ја добивме во текот на целата сезона беше неверојатна. Тажни сме и разочарани, чувствата се измешани, но главната работа е гордоста!“, изјави Вејн Руни.
Руни не знаеше за развојот на ситуацијата на натпреварот помеѓу Ридинг и Свонси се додека не влезе во соблекувалната и додека навивачите не реагираа.
„Почнавме да го креваме овој клуб, но мораме да го прифатиме она што се случи. Промените ќе мора да бидат брзи. Знаеме каде сакаме да бидеме следната сезона и сакаме да се вратиме што е можно поскоро“, дополни Руни.
Тој истакна дека иднината е неизвесна, но дека неговата желба е да остане и да го врати клубот таму каде што припаѓа.
„Реков дека сакам да останам, видовте што значи ова за навивачите, ова е посебен клуб, голем клуб и сите сме горди што сме тука. И јас сакам да бидам тука, со задоволство ќе помогнам да се вратиме. Ја плативме цената за она што го оставија претходните сопственици. Не се виновни играчите, тренерот, ние плаќаме за тоа што се случи порано“, заклучи Вејн Руни.