Светското првенство во фудбал во 2034 година најверојатно ќе се одржи во Саудиска Арабија, освен ако не се случи нешто непланирано во последен момент. Имено, Саудиска Арабија и Австралија се натпреваруваа за домаќин на Светскиот куп, но во меѓувреме Австралијците решија да се повлечат од трката.
„Ги истраживме сите можности да се пријавиме за домаќин на Светското првенство во фудбал и откако ги разгледавме сите фактори, донесовме одлука да не се пријавиме на натпреварувањето во 2034 година“, соопшти Фудбалската асоцијација на Австралија, додавајќи дека се насочуваат кон апликацијата за домаќин на Азиско првенство за жени во 2026 година и Светско првенство за жени во 2029 година.
Со оглед на тоа што денеска е последен ден за поднесување формалена пријава за организација на Светското првенство во 2034 година, со повлекувањето на Австралија, Саудиска Арабија остана единствен кандидат.
Можно е нешто да се промени во текот на денот, но шансите за тоа се уште се многу мали, особено што заинтересираните земји мора да ја поднесат целата комплицирана апликација до крајот на ноември.
Кандидат за Мундијалот во 2030 година беше и Саудиска Арабија заедно со Грција и Египет, но таа кандидатура пропадна, па Мундијалот им припадна на Мароко, Португалија и Шпанија, а три натпревари ќе се играат во Аргентина, Парагвај и Уругвај.
Следниот Мундијал, оној во 2026 година, ќе се одржи во Канада, Мексико и САД.