Фудбалскиот клуб Вележ од Мостар се пофали дека трофејот од Купот на Маршалот Тито од 1981 година повторно е во нивна сопственост, откако во бурните воени години се сметаше дека трофејот е загубен.
Вележ беше „протеран“ од стадионот „Под Бијели бријег“ за време на хрватско-бошњачката војна, по што трофејот завршил кај тогашниот економ на клубот, Сулејман Мрган, кој открива како трофејот завршил кај него.
„Тоа го чував со срце. Работев во Вележ како економ и во една прилика, не се сеќавам кој тогаш беше претседател, до мене дојде црна вреќа за ѓубре која беше многу тешка. Кога разгледав внатре, видов дека има и пехар. Знаев веднаш што е тоа“, вели Мрган.
Вележ во таа 1981 година го совлада Железничар од Сараево со 3:2 во финалето, а двоен стрелец беше поранешниот селектор на Босна и Херцеговина и на Јапонија, Вахид Халилхоџиќ, кој беше присутен при враќањето на трофејот.
Вележ, кој сега игра во втората лига во БиХ и на стадион за само 7.000 гледачи (Врапчиќи), уште е во потрага на вториот трофеј на клубот, тој од Купот на Маршал Тито од 1986 година, кога во Белград со 3:1 го совладаа Динамо Загреб.