Top Sport

Велкоски: Во Сараево се чувствувам како дома

Македонскиот интернационалец Крсте Велкоски во последното интервју за порталот „Спортспорт.ба“ говори за љубовта кон Сараево, клубот кој толку му даде и чија капитенска лента ја носи.

Велкоски има постигнато дури 52 голови за „бордо тимот“, а оваа сезона навивачите на клубот, конечно, ја очекуваат и титулата, посебно бидејќи есенската полусезона ја завршија на првото место со 5 поени пред шампионот Зрињски од Мостар.

„Ме бараше клуб од Јужна Кореја, а финансиски беше огромна разлика, но не бев сигурен дека треба да заминам. Немаше да ја завршиме работата тука. Затоа разговарав со луѓето од клубот и им кажав дека сакам да останам. На моето семејство му е добро тука. Претходно не знаев многу за Сараево, го следев тимот поради Адис Јаховиќ, не помислував дека толку ќе го засакам градот и клубот. Тука доживеав на улица навивачите да бараат автограм, фотографија, нешто незамисливо. Се чувствувам како дома и планирам да останам и по крајот на кариерата, ако сѐ биде како што треба“, вели Велкоски.

Тој зборува и за своите фудбалски идоли.

„Тоа се Стивен Џерард и дебелиот Роналдо. Кај Стиви-џи ме фасцинираше неговата лојалност кон клубот. Жал ми е што не сум роден во Сараево, бидејќи тогаш и јас цел живот ќе го поминев во овој клуб“, додава македонскиот фудбалер.

Scroll to Top