Менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер вели дека англиските фудбалери станале „мајстори“ за глумење на теренот по контроверзниот меч меѓу Ливерпул и Тотенхем во неделата.
Дели Али од Тотенхем доби жолт картон за симулирање, додека неговиот колега Хери Кејн беше обвинет дека изнудил пенал од страна на дефанзивецот на „Црвените“, Виргил ван Дајк.
„Се сеќавам дека имаше неверојатни случаи во Англија кога странските фудбалери го правеа тоа, но Англичаните бргу учеа и сега најверојатно се мајстори“, вели Венгер.
Францускиот стручњак во ноември изјави дека Рахим Стерлинг „паѓа многу добро“ по 3:1 поразот од Манчестер сити. Коментарите доаѓаат пред саботното дерби со Тотенхем.
„Јас не им кажувам на моите играчи да паѓаат и мораме да го искорениме ова од фудбалот. Понекогаш играчите се поигруваат со правилата. До каде може да се оди? Тоа треба да ги прашате судиите“, додава Венгер.
Зголемувајќи ја „температурата“ пред дербито на северен Лондон, Венгер исто така имаше „пацка“ за Тотенхем, велејќи дека Арсенал ќе се чувствува како дома на „Вембли“ поради трофеите од куп-натпреварите освоени таму.
„Подобро на ’Вембли’ отколку на ’Вајт Харт Лејн’, бидејќи таму имаме одличен скор“, додаде Венгер.
Арсенал немаат пораз на Вембли од поразот во финалето на ФА купот од Челси во 2009 година, и оттогаш имаат девет победи на славниот англиски стадион каде што Тотенхем игра додека се гради нивниот нов стадион.